Нашиот извештај за проценка на животниот циклус на C40 Recharge излезе – како придобивките од електричните автомобили се засегнати од пристапот до чиста енергија?
Извештајот за проценка на животниот циклус на C40 Recharge прикажува колку CO2 се очекува автомобилот да емитува во текот на својот целосен животен циклус.
Имаме цел да бидеме компанија што исклучиво произведува електрични автомобили до 2030 година. И имаме амбиција да бидеме климатски неутрална компанија до 2040 година. Тоа се мотивирачки цели, но додека го читате ова, јаглеродните емисии сепак се вообичаени во нашето работење.
Веруваме дека решавањето на некој проблем започнува со сознанието дека тој постои и со транспарентноста околу него. Еден начин на којшто го правиме ова е преку создавање и објавување на извештајот за проценка на животниот циклус (LCA) за секој нов целосно електричен модел што ќе го пуштиме во продажба. Го започнавме ова транспарентно и проактивно издавање извештаи со XC40 Recharge и денес го издаваме извештајот за проценка на животниот циклус за C40 Recharge.
Секој LCA пред сѐ претставува водич за нашите корисници за тие да донесат информирана одлука за нивното купување на нов Volvo. Извештајот преку повеќе сценарија илустрира колку CO2 се очекува автомобилот да емитува во текот на целиот свој животен циклус, вклучувајќи ги и производството и фазата на користење.
Клучен наод во новиот LCA е дека е многу битно дали го полните C40 Recharge со чисти енергетски извори или не. Тоа не е изненадување; со години велиме дека префрлањето на електрични автомобили треба да биде придружено со значителни инвестиции во чистата енергија и јавната инфраструктура за полнење. Сепак, LCA обезбедува јасни и цврсти податоци во поддршка на овој став.
„Префрлањето на електрични автомобили треба да биде придружено од значителни инвестиции во чиста енергија и јавна инфраструктура за полнење.“
Извештајот покажува дека кога полните C40 Recharge со електрична енергија создадена од чисти извори, неговиот отпечаток на CO2 во животниот циклус паѓа на приближно 27 тони CO2, во споредба со 59 тони за XC40 напојуван од мотор со внатрешно согорување (ICE).
Сепак, ако го полните со просечната мешавина на енергија што е достапна низ светот (што содржи околу 60 проценти енергија создадена од фосилни горива), емисиите на CO2 во неговиот животен циклус може да се зголемат дури за 50 тони, значително намалувајќи ги придобивките за животната средина во споредба со автомобил со мотор на внатрешно согорување.
Со други зборови, на луѓето низ целиот свет им треба помош од владите и енергетскиот сектор доколку сакаме нашите автомобили да го остварат својот целосен потенцијал за намалување на јаглеродните емисии. Додека продолжуваме да ја кажуваме оваа поента и да повикуваме за повеќе инвестиции во чиста енергија и јавни станици за полнење – на пример на климатскиот самит COP26 во Глазгов – исто така активно се обидуваме да го намалиме нашиот сопствен јаглероден отпечаток.
На пример, се обидуваме да го намалиме јаглеродниот отпечаток во животниот циклус за 40 проценти помеѓу 2018 и 2025 година; вклучително и преку намалување на јаглеродните емисии во нашиот синџир на достава за 25 отсто до 2025 година. Исто така имаме цел да имаме климатски неутрално производство до 2025 година, а уште сега, сите наши фабрики во Европа работат на 100 отсто чиста електрична енергија.