Иднината на луксузните материјали е неутрална, одржлива и одговорна

Се оддалечуваме од кожните ентериери во корист на другите одржливи материјали. Правејќи го тоа, ги следиме тековните трендови во дизајнот на материјалите.

Целосно електричен Volvo C40 Recharge со ентериер без кожа.

Нашиот нов целосно електричен C40 е првиот Volvo што е целосно без кожа внатре.

C40 Recharge е важен автомобил во смисла на нашата електрична и комерцијална иднина како што можевте да прочитате претходно годинава. Но, има друга област во која нашиот нов целосно електричен кросовер ја претставува нашата иднина: тоа е првиот Volvo што внатре воопшто не содржи кожа. Како таков, C40 е симбол на нашата посветено дека во иднина сите целосно електрични Volvo автомобили нема да содржат кожа.


Иако сировите кожи што му се доставуваат на Volvo Cars денес се од одговорни извори како нус-производи од индустријата за говедско месо, сакаме да ја поддржиме добросостојбата на животните со тоа што ќе придонесеме за намалената побарувачка на кожа.


Нашето движење кон ентериери без кожа исто така е водено од загриженоста за негативните влијанија врз животната средина што ги има сточарството, вклучувајќи ги и емисиите на стакленички гасови и уништувањето на шумите.


Дополнително на отстранувањето на кожата, исто така имаме цел постојано да го намалуваме користењето на определени материјали што содржат животински производи во нашите автомобили – помислете на определени видови пластика, гума, мазива и лепаци што често содржат делови од производи што доаѓаат од стока.


„Наоѓањето производи и материјали што ја поддржуваат добросостојбата на животните ќе претставува предизвик, но тоа не е причина да се избегнува овој важен проблем“, рече Стјуарт Темплар, еден од стручњаците за одржливост. „Овој пат вреди да се изоди. Да се има навистина прогресивен и одржлив начин на размислување значи дека треба да си поставиме тешки прашања и активно да се обидеме да ги најдеме одговорите.“


Секако, ќе продолжиме на нашите клиенти да им даваме ентериери со прекрасен стил. Па, наместо кожа, активно бараме висококвалитетни и одржливи извори за многу материјали. Во нашите нови електрични автомобили, на возачите на Volvo ќе им бидат понудени висококвалитетни опции за ентериерот според биолошки обновливи и рециклирани материјали, како и различни видови првокласни текстилни материјали и мешавини на волна со волна која доаѓа од одговорни извори.

„До 2025 година, цел ни е 25 отсто од материјалите во новите автомобили на Volvo да се состојат од рециклирани и биолошки обновливи содржини.”

Работата е што дефиницијата за првокласни и луксузни производи се менува. Светот на дизајнот како целина се движи кон нешто што се нарекува „совесен дизајн“, каде што одржливите и одговорни извори играат сѐ поголема улога во создавањето материјали и производи. Истражувањето на клиентите исто така покажува дека за нив одржливоста игра сѐ поголема улога кога се избираат производите на некој бренд.


Како што покажува новиот извештај за трендовите од Volvo Cars и The Future Laboratory, дизајнерите низ целиот свет активно бараат висококвалитетни, одржливи и одговорно произведени материјали затоа што се трудат да создадат луксузни производи на иднината. Тоа добро се вклопува во нашиот фокус врз кружната економија и создавањето поодржливи производи.


Добар пример на тоа е новиот материјал за ентериерот создаден од страна на Volvo, наречен Nordico, што ќе го има своето деби во нашата следна генерација на целосно електрични автомобили. Тој е составен од текстил направен од рециклирани материјали како што се PET шишиња, биолошки обновливи материјали од одржливите шуми во Шведска и Финска и тапи рециклирани од винската индустрија. Со други зборови: многу одржливо, а сепак со највисок квалитет.


До 2025 година, имаме цел 25 проценти од материјалите во новите автомобили на Volvo да се состојат од рециклирани и биолошки обновливи содржини, како дел од нашата амбиција да бидеме бизнис со целосен циклус до 2040 година. Исто така имаме цел сите наши непосредни добавувачи, вклучувајќи ги добавувачите на материјали, да користат 100 отсто обновлива енергија до 2025 година.


Па, како и со сѐ друго, развојот на идните материјали останува тековна работа. Но, можеме да бидеме сигурни дека ние сме предводници на овој развој и ја остваруваме нашата амбиција да станеме компанија што одржливоста ја сфаќа исто толку озбилно како и безбедноста.

Сподели